Со сослушување на сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против тројцата полициски службеници од Кочани, обвинети за постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“.
На почетокот од постапката, обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението, кое се однесува на нивното дејствување за време на контролите во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во овој објект, на 16 март минатата година, во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Судењето го води судијката Лидија Петровска, додека обвинението го застапува јавната обвинителка Спасенка Андонова.
Како прв сведок денеска беше сослушан Ерхан Хаџимита, полициски службеник во ПС Кочани. Тој изјави дека во текот на 2023 година двапати учествувал во полициски контроли во дискотеката „Пулс“ – во април и во декември.
Според неговото сведочење, контролите ги спроведувал заедно со одговорното лице Горан Лазаров. При една од контролите, во објектот биле затекнати две малолетнички, на кои им биле одземени личните карти и предадени на одговорниот.
Сведокот посочи дека сопственикот на објектот, Дејан Јованов-Деки, реагирал и одбил соработка.
„Рече: ‘Правете што сакате’, бидејќи и претходно сме имале несогласувања околу присуство на малолетници. Поради тоа излеговме надвор, бидејќи не сакаше да соработува. Јас останав со малолетниците за да се повикаат нивните родители, додека одговорниот изготви записник“, изјави сведокот.
Тој додаде дека и при претходната контрола во април 2023 година биле затекнати малолетници, а сопственикот повторно не соработувал.
Одговарајќи на прашања од јавниот обвинител, сведокот рече дека по одземањето на личните карти се упатил кај одговорниот на смена, кој се наоѓал во билетарницата заедно со сопственикот и неговиот син.
На прашањето дали од сопственикот биле побарани документи, сведокот изјави дека тоа било сторено, но дека сопственикот бил одбивен и не соработувал. Воедно, појасни дека тој лично не го пополнувал записникот.
Судењето започна на 3 март годинава со читање на обвинителниот акт од страна на обвинителката Ивана Трајчева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на која минатата недела ѝ истече мандатот и не беше повторно избрана.
Според обвинението, тројцата полициски службеници при вршење на акциски контроли во угостителскиот објект „Пулс“ не постапиле согласно пропишаните правила утврдени во анекс-плановите и во записниците внеле податоци за неактивно правно и одговорно лице.
Во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите должности во целост, односно не постапиле согласно анекс-плановите за акциска контрола при изготвување на записниците.
Иако биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, во записниците биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани.
Третообвинетиот Александар Темелков, пак, според обвинението, при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка не ја проверил целокупната документација, иако бил должен тоа да го стори, туку ги потпишал и ги доставил до судот во Кочани.
Барањата биле поднесени против неактивното правно лице „Класик“ ДООЕЛ Кочани, како и против физичко лице означено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни субјекти во моментот на постапувањето.
Со ваквите дејства, тројцата обвинети, според обвинителниот акт, овозможиле имотна корист за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице, на начин детално опишан во обвинението.