Македонија

Македонија прва во регионот со укинување на роаминг трошоците во ЕУ

Македонија прва во регионот со укинување на роаминг трошоците во ЕУ

Граѓаните на Македонија наскоро би можеле да користат мобилни услуги во Европската Унија без дополнителни трошоци, доколку се реализираат најавените планови на Владата. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека земјата е на чекор до финализирање на процесот.

Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Андоновски изјави дека Македонија има амбиција да стане првата држава во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на роаминг трошоците во ЕУ.

„За роамингот ветив – ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието“, изјави Андоновски.

Тој додаде дека Европската Унија пред две недели доставила дополнителни прашања во врска со предложеното решение, но нагласи дека процесот продолжува и дека државата останува подготвена да ја финализира законската рамка.

Осврнувајќи се на евроинтеграциите, министерот истакна дека земјата не се откажува од европскиот пат, но дека секој чекор мора да биде внимателно условен.

„Не би можел да кажам дека се откажуваме од ЕУ… можам да кажам дека ги исполнуваме задачите кои ни се дадени како државата. Нашиот став е принципиелен и се држиме дека било каква промена и чекор од македонска страна ќе мора да биде со гаранција. Немаме отпочнато преговори, не отвораме кластери, а од нас цело време се бараат некои отстапки, на штета на македонските национални интереси“, изјави Андоновски.

Со ова, како што посочи, државата паралелно работи на исполнување на реформите и на зајакнување на својата позиција во односите со Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни