Македонија

Утре 40. марш за ангелите во Кочани, ќе се бара одговор од судска медицина за цијанидот и обдукциите

Утре 40. марш за ангелите во Кочани, ќе се бара одговор од судска медицина за цијанидот и обдукциите

Четириесеттиот по ред „Марш на ангелите“ ќе се одржи на 4 април 2026 година во Паркот на Револуцијата во Кочани, најави Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“. Настанот е закажан за 16:05 часот, а целта е повторно да се потсети на семејствата кои изгубиле најмили и да се бара вистина и одговорност од надлежните институции.

„Четириесетти пат чекориме заедно. Четириесетти пат со болка, со љубов и со непоколеблива решеност нашите ангели никогаш да не бидат заборавени“, велат организаторите. Тие потенцираат дека една година се бара вистина, една година се чека одговорност, и една година семејствата на загинатите чекаат правична разрешница.

„Ќе чекориме сè додека не ја добиеме правдата што нашите деца ја заслужуваат. Ќе чекориме сè додека вистината не излезе целосно на виделина. Ќе чекориме затоа што љубовта кон нашите ангели е посилна од тишината и заборавот“, порачуваат од здружението.

На маршот ќе се зборува и за молкот на институциите, кој не ја разбуди и не ја освести државата дури ни по трагедијата. Посебен акцент ќе биде ставен на одговорноста што сè уште се очекува, прашањата без одговор и вистинската причина за смртта на најмили, за која семејствата сè уште бараат целосна и јасна вистина.

Здружението ги повикува сите родители, семејства, пријатели и сограѓани со совест да се приклучат и да одвојат еден час за спомен, поддршка и глас против молкот. „Еден час за нашите ангели. Еден чекор поблиску до правдата“, велат организаторите.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни