Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) реагираше поради емитувањето на песната „Билбилите на Кораб“ на МРТ2, која, според нив, поттикнува меѓуетничка нетрпеливост и содржи територијални претензии кон Македонија и соседните држави. Советот наложи дисциплинска постапка за да се утврди одговорноста за ваквата содржина.
„Со емитувањето на оваа содржина, МРТ го прекрши членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Задолживме директорот да преземе мерки и да утврди кој е одговорен“, изјави претседателот на Програмскиот совет, Давор Пашоски.
Спорната песна беше изведена на 28 март во рамките на детска фестивалска програма од 13-годишно девојче, облечено во маичка со мапа на „Голема Албанија“ која вклучува делови од Македонија, Србија и Грција. Стиховите повикуваат на обединување под едно знаме, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Директорот на МРТ, Марјан Цветковски, засега не открива конкретни следни чекори, но информира дека дисциплинската постапка е во тек и дека јавноста ќе биде известена по нејзиното завршување. Според неофицијални информации, можно е одговорната уредничка на МТВ2, Мерита Гаши, да биде разрешена, иако во моментот на емитувањето била на боледување.
ААВМУ во својот извештај потврди дека содржината ги нарушува законските забрани и потенцира дека емитувањето на иредентистички симболи и експлицитни политички пораки може да поттикне национална и етничка нетрпеливост. Програмскиот совет истакнува дека се потребни засилени механизми за надзор за да се спречат слични прекршувања во иднина.