Животниот век на пациентите со рак на дојка, бели дробови и меланом постојано се зголемува, а овие дијагнози сè повеќе се сметаат за хронични болести, истакнаа директорите на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Игор Стојковски, и на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на денешната заедничка прес-конференција.
Според нив, продолжениот животен век и намалената смртност се резултат на поквалитетен третман, иновативни лекови и значително зголемени средства за лекување по пациент.
Д-р Стојковски посочи дека бројот на новодијагностицирани случаи е стабилен, но вкупниот број на пациенти кои живеат со болеста се зголемува поради подолгиот животен век. „За рак на дојка, до пред четири-пет години имавме околу 5.000 пациенти годишно, а оваа година и лани бројот достигнува 7.000. Кај рак на бели дробови од 1.200 во 2020 година сега имаме 1.743 пациенти, а најдрастично е зголемувањето кај меланомот – од 200 на 514 пациенти“, истакна д-р Стојковски.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека поголемите финансиски вложувања директно се одразуваат врз квалитетот на живот на пациентите. Буџетот за Онкологија се зголемил од 10 милиони евра во 2017 година на проектирани 57 милиони евра за 2026 година. „За рак на дојка, издвојувањата по пациент се зголемија од 700 на 2.500 евра, а кај рак на бели дробови од неколку стотини на 7.600 евра, со речиси половина од пациентите на имунотерапија“, додаде Клековски.
Тој најави и воведување на два нови лека за рак на дојка оваа година, како и нова терапија за рак на простата. На Клиниката во моментов функционираат три акцелератори, а денеска беше претставен и нов апарат за зрачење на метастази во мозокот, процедура што досега пациентите мораа да ја бараат во странство.
Според директорите, овие напори значително ја подобруваат преваленцата и квалитетот на живот на пациентите, позиционирајќи ја македонската онкологија на повисоко ниво на регионално и европско ниво.