Границата меѓу Албанија и Македонија денеска се соочи со зголемен сообраќаен проток, а на граѓаните им беа потребни повеќе од два часа за да ја преминат, јавува „Еуроњуз Албанија“. Најголемите колони се забележани на граничниот премин „Ќафасан“, а слична ситуација е пријавена и на преминот Какавија кон Грција.
Како што се наведува, долготрајните редици се резултат на потребата за купување на нафта и храна по пониски цени, кои последните недели растат не само во Албанија, туку и низ целиот свет, поттикнато од конфликтот во Иран. Од снимките објавени од „Еуроњуз Албанија“ се гледаат редици со десетици возила чекајќи на преминот.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави вонредна владина седница за утре, со цел да се намалат акцизите на горивата и да се спречи дополнително поскапување. „Во моментот немаме никакви индиции дека од аспект на волумен би имало потреба од ограничување, за разлика од некои земји членки на Европската Унија. Голем дел од граѓаните од соседството доаѓаат кај нас и ги полнат резервоарите на своите возила“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање за можноста за воведување на препораките на ЕУ за штедење на гориво, Мицкоски нагласи дека засега нема потреба од ограничувања, бидејќи во земјата има доволно количини на гориво за сите граѓани.