Апелацискиот суд донесе одлука да ја укине првостепената пресуда против Лидија Димова и предметот да го врати на повторно судење, отворајќи нова фаза во судската постапка.
Со одлуката е укината двегодишната затворска казна изречена за злоупотреба на службената положба, како и обврската Димова да врати околу 370 илјади евра кон Националната агенција.
Од Апелација оцениле дека првостепената пресуда содржи сериозни нејаснотии и противречности. Според судот, не било прецизирано за кои конкретни дејствија обвинетата се огласува за виновна, а за кои е ослободена од обвинение.
Во образложението се наведува дека пресудата е неразбирлива, бидејќи од една страна Димова е осудена за „злоупотреба на службената положба“, а од друга страна е ослободена за делото „измама на штета на средства на Европската заедница“, без јасно да се наведат дејствијата на кои се однесува ослободителниот дел.
Според Апелацискиот суд, првостепениот суд бил должен детално да ги образложи дејствијата што му се ставаат на товар на обвинетата, како и оние за кои не постои одговорност.
Инаку, Димова беше обвинета дека во периодот од 2018 до 2020 година, како директорка на Националната агенција која раководи со програмата „Еразмус+“, ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи без спроведување јавен конкурс, со намера да прибави имотна корист за други лица. Дополнително, ѝ се ставаше на товар и незаконско преселување и реновирање на институцијата, како и одобрување исплати за службени патувања во странство.
Со укинувањето на пресудата, случајот се враќа на повторно разгледување пред надлежниот суд, каде ќе треба повторно да се утврдат сите факти и околности.