Денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Онкологија“ е одложено, откако е утврдено дека техничкиот советник на Обвинителството не може да присуствува поради, како што е наведено, неодложни работни обврски.
Судот информира дека следното рочиште е закажано за 1 јуни.
Во овој предмет, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, заедно со онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Претходно, постапка беше поведена и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор.
Според обвинението, лекарите се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 47 пациенти биле применувани несоодветни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна медицинска процена.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство – Скопје.