Д-р Сања Пановска, родена во Делчево, годинава доби признание за високи дострели во науката како млад истражувач од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ во Македонска Каменица.
Пановска е избрана и меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин за 2025 година според германскиот весник „Тагесшпигел“.
Таа дипломирала физика на ПМФ во Скопје, магистрирала геофизика во Штип, а докторирала на Швајцарскиот федерален институт во Цирих. Постдокторските студии ги завршила на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Од 2016 година работи како научен истражувач во Германскиот центар за геофизика во Потсдам, а од оваа година е лидер на истражувачка група и раководител на европски проект вреден два милиони евра, поддржан од Европскиот истражувачки совет.
Пановска е наратор на документарниот филм „Магнетен мозаик“, награден од УНЕСКО во категоријата „Жени во науката“. Таа е и коапликант на едукативниот проект „Тимот на Бимбим“ и автор на детската книга „Мојата Земја“, преведена на повеќе јазици.