Скопје се подготвува за историски настан. По повод големиот јубилеј — 35 години независност на Македонија, светската музичка икона Дејвид Гета доаѓа во Скопје со своето револуционерно „The Monolith Show“.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, денеска во своето гостување во емисијата Ноќно студио на 4ТВ ги соопшти клучните детали за концертот кој ќе се одржи на 8 септември во арената „Тодор Проески“, нагласувајќи дека овој настан е многу повеќе од обичен концерт.
Симболична цена и строги правила против препродавање
Најголемото изненадување за јавноста е цената на влезниците, која е директно поврзана со празникот. Влезниците ќе чинат само 35 денари, но Владата и организаторите „Авалон Продукција“ воведуваат строги механизми за да се спречат злоупотреби.
„Важно е да напоменеме дека од еден профил ќе можат да се обезбедат максимум до две влезници. Веруваме дека на овој начин ќе го ограничиме препродавањето. Не верувам дека некој, токму за овој јубилеј, би тргнал во насока на такви несакани дејствија“, истакна Митева.
Продукцијата која доаѓа во Скопје е на светско ниво. Според Митева, „The Monolith Show“ е аудио-визуелно искуство кое првпат се поставува на овие простори.
- Локација: Арена „Тодор Проески“, Скопје
- Датум: 8 септември
- Повод: 35 години од независноста на Македонија
Порака до светот и регионот
Овој настан не е само за домашната публика. Со гостувањето на артист од рангот на Guetta, Македонија праќа силна порака за својата подготвеност да биде домаќин на најголемите светски имиња.
„Верувам дека сите ќе сакаат да присуствуваат на ова големо шоу. Ова е нешто невидено досега кај нас. Со ова не само што ќе го одбележиме празникот дома, туку ќе покажеме сериозност и пред регионот и пред светот — дека сме подготвени да организираме настани за најсериозните светски артисти“, заклучи портпаролката Митева.