Портпаролката на Владата, Марија Митева, во гостувањето на 4ТВ остро ги демантираше тезите на опозицијата за наводен притисок врз Јавното обвинителство. Таа порача дека обидите на СДСМ да прикажат дека сегашната власт постапува како нивната е залуден, бидејќи јавноста ја препознава разликата помеѓу транспарентна комуникација и политичко диктирање на предмети.
Одговарајќи на прашањата за комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Митева нагласи дека институционалниот разговор не е исто што и договарање судски исходи.
„Прашањето не е дали имало разговор – тоа е нормално за јавни функции. Клучното прашање е дали има кривично дело или противзаконско дејство. Овие тези ги пласираат структури на СДСМ, истите кои во минатото преку адвокати договараа предмети по бензински станици“, изјави Митева.
Митева потсети на јавните признанија од обвинители кои беа дел од претходниот систем, посочувајќи дека токму високи функционери на СДСМ биле тие кои одредувале приоритети во истрагите.
„Слушнавме обвинител кој јавно кажа дека Спасовски, Шекеринска и Заев во Специјалното јавно обвинителство кажувале на кои предмети да се даде приоритет. Тие луѓе денес тргнуваат од себе и мислат дека сите постапуваат така.“
Митева потенцираше дека изборот на новиот државен јавен обвинител е почеток на една нова ера, наспроти претходникот кој, според неа, „ревносно го бранеа додека тој игнорираше извештаи од Државниот завод за ревизија“.
На прашањето дали Владата открила докази за криминал на своите претходници, Митева остана на принципот на немешање во истражните дејствија, но потврди дека се детектирани низа неправилности.
„Не сакам да зборувам за работи надвор од мојата надлежност, особено за истраги. Но, од она што е пласирано во јавноста, евидентно е дека низ институциите се направени низа погрешни постапувања од претходните раководства. Верувам дека надлежните институции ќе постапат соодветно и ќе ги процесираат доказите до обвинителството“, заклучи таа.
Митева заклучи дека денес во обвинителството веќе нема скандали за тоа кој каде треба да биде поставен за шеф или недоразбирања околу делегирањето насоки за постапување, што според неа била секојдневна слика во минатото. Таа изрази надеж дека обвинителството веќе нема да молчи за случаи кои ја брануваат јавноста со години.