Балкан

900 летови откажани пред сезона во Хрватска

900 летови откажани пред сезона во Хрватска

Хрватскиот национален авиопревозник „Croatia Airlines“ во следните три месеци ќе откаже околу 900 летови, што претставува околу пет проценти од вкупно планираните 27.000 операции. Причината за ова е драстичното зголемување на цените на авионското гориво, кое предизвика сериозни нарушувања во глобалниот воздушен сообраќај.

Од компанијата наведуваат дека, и покрај намалувањето на бројот на летови, редовно се следи побарувачката и оперативната состојба, при што распоредот на летање се прилагодува согласно актуелните услови.

„Во одредени случаи станува збор за намалување на фреквенцијата на одредени линии или измени во распоредот на летови“, соопштија од „Croatia Airlines“.

Проблемите со цената на горивото се одразија и врз поморскиот сообраќај. Поради зголемените трошоци и нарушувањата во синџирите на снабдување, хрватската „Jadrolinija“ ќе откаже 15 патувања на релацијата Сплит – Анкона во наредниот месец и половина, токму во екот на туристичката сезона.

Од компанијата објаснуваат дека мерката е дел од оптимизација на работењето и прилагодување на пазарните услови, додека патниците се уверуваат дека со нови договори за снабдување со гориво е обезбедена стабилност во следните две години.

„Нашата цел е оптимизација на целиот систем. Патниците можат да бидат мирни бидејќи имаме обезбедени доволни количини гориво за наредниот период“, изјави претседателот на Управата на „Jadrolinija“, Роберт Блажиновиќ.

Од хрватското Министерство за море, сообраќај и инфраструктура посочуваат дека станува збор за привремена мерка и рационализација на трошоците, која засега не значи дополнителни укинувања на линии.

Во меѓувреме, додека траектниот превозник најавува постепен премин кон користење обновливи извори на енергија, „Croatia Airlines“ и понатаму останува целосно зависен од керозин, што дополнително ја отежнува ситуацијата во услови на нестабилни цени на енергенсите.

Ситуацијата укажува на пошироки предизвици во европскиот транспортен сектор, каде зголемените трошоци за гориво директно влијаат врз редовноста и достапноста на патничките линии, особено во летната сезона.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни