Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека СДСМ треба повторно да го изгради својот коалициски капацитет и да остане отворен за сите прогресивни политички сили во државата.
Говорејќи за односите со ДУИ, Спасовски посочи дека двете партии не настапиле заедно на изборите, туку соработувале како владини партнери.
– Не беше тоа коалициски партнер од изборите, затоа што не настапивме заедно на изборите. Но, како владини партнери работевме заедно – рече Спасовски.
Тој призна дека и двете партии имале грешки во функционирањето на власта, а на прашањето дали ДУИ претставувал товар за СДСМ, одговори дека постојат аргументи за таквите оценки.
– Сме имале грешки и едните и другите. Дали ДУИ претставуваше проблем? Можеби да, и постојат аргументи зошто е тоа така – изјави Спасовски.
Сепак, тој нагласи дека СДСМ во минатото важел за политичка партија со најголем коалициски капацитет во државата и дека токму тоа треба повторно да се обнови.
– СДСМ важеше за партија со најголем коалициски капацитет и треба да направиме сè за да го вратиме тој капацитет – истакна тој.
Според Спасовски, вредностите на СДСМ – правда, еднаквост, солидарност и грижа за работниците – се вредности што обединуваат голем дел од граѓаните и затоа партијата треба да биде отворена за соработка со сите политички субјекти кои ги делат тие принципи.
– Треба да бидеме отворени за сите прогресивни сили кои ги делат вредностите на солидарност, правда и еднаквост и заеднички да ја градиме државата како дом на сите граѓани – порача Спасовски.