СМакедонија не е блокирана на патот кон Европската Унија поради „францускиот предлог“, туку поради целосниот недостиг на политичка волја кај актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ за да се продолжи напред. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го изјави пратеникот и поранешен министер, Оливер Спасовски.
Спасовски упати јасен и директен предизвик до владејачкото мнозинство – да преземе одговорност и да понуди решение, наместо да продолжи со политичкиот популизам кој ја држи земјата во место.
Според поранешниот министер, СДСМ своевремено прифатил компромис кој бил добар за државата и кој бил целосно реалистичен, но процесот бил закочен од тогашната опозиција.
„Тогаш имавме неодговорна опозиција која мислеше исклучиво на сопствениот и на партискиот рејтинг. Нивната процена беше дека политички многу повеќе им се исплати да го напаѓаат предлогот, да креираат страв кај граѓаните дека некој нешто сака да ни одземе, со цел да си ја сочуваат опозициската комотност. Тоа им успеа и сега ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Но, бидејќи денес се власт, тие треба да дадат предлог како да се излезе од оваа состојба“, дециден е Спасовски.
Спасовски откри дека тој лично е против тоа СДСМ да иницира какви било нови предлози или да потпишува платформи со други политички партии (како ДУИ) за евроинтеграциите, бидејќи партијата веќе го подонела својот товар за европската иднина.
Тој потсети дека во Парламентот сѐ уште е активна и не е прекината постапката за уставните измени која беше започната во минатиот мандат.
„Ние од Владата немаме добиено писмо во кое се вели дека се откажуваат или дека го повлекуваат предлогот за уставни измени. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да си даде предлог ако мисли дека треба да се дојде до промена на Уставот за да се завршат обврските и да одиме напред“, порача пратеникот.
Осврнувајќи се на реториката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски дека можеле да издејствуваат многу подобри договори, Спасовски ги повика конечно да преминат од зборови на дела.
Тој призна дека договорите од Преспа и со Бугарија можеби не се совршени, но биле единствените можни решенија од кои подеднакво биле незадоволни сите страни.