Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Црква Света Софија испрати силни пораки за борбата против корупцијата и функционирањето на правосудниот систем, нагласувајќи дека граѓаните оправдано го губат трпението поради бавната испорака на правдата.
Говорејќи на свечената академија „Од слово до вечност“, организирана по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Мицкоски порача дека и самиот не е задоволен од динамиката со која институциите постапуваат.
„Го разбирам незадоволството кај луѓето кои сè повеќе губат трпение. И јас сметам дека може многу подобро и со многу побрзи резултати“, истакна премиерот.
Тој упати критики кон, како што рече, лица кои „ѝ се смеат на правдата“ и кон делови од обвинителството кои, според него, премногу често бараат изговори наместо ефикасно постапување.
„Трпението е при крај и правдата ќе ги стигне сите“, порача Мицкоски, додавајќи дека внимателно ја следи работата на институциите и нема да молчи кога смета дека се прават грешки или кога е потребна побрза реакција.
Премиерот потенцираше дека во политиката влегол со цел да се воспостави ред, владеење на правото и одговорност, а не за „смислување изговори“.
„Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат на маката на народот“, нагласи Мицкоски, оценувајќи дека ова е „последна шанса“ сегашната генерација да остави трајни вредности за иднината на државата.