Состојбата со работните простории во зградата на Македонската радио-телевизија (МРТВ) е алармантна и нехумана, откако објектот со децении бил оставен на маргините без никакво одржување. Сепак, државата започнува сукцесивен план за иселување на институциите, реконструкција на објектот од покривот до приземјето, како и изградба на нова голема монтажна гаража. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го најави директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Томовски се согласи со фрапантните констатации од неодамнешната јавна седница на Програмскиот совет на МРТВ, каде од новото раководство беше кажано дека во некои канцеларии „ниту куче не би издржало осум часа“.
„Зборуваме за простории кои буквално не се искречени повеќе од 50 години. Нашата идеја е сукцесивно, една по една, да ги иселиме институциите кои се привремено таму и да ги сместиме на други локации за да се ослободи простор. Потоа ќе пристапиме кон комплетно реновирање на целата зграда, по моделот на она што веќе го направи Министерството за внатрешни работи (МВР) во делот каде што се издаваат личните документи“, истакна Томовски.
Како прв голем триумф во подобрувањето на основните услови, тој посочи дека по цели 75 години, конечно се ставени во функција сите шест лифтови во оваа дваесеткатница, додека во изминатите осум години работеле само по два или три.
Прво покривот, па реновирање од горе надолу
Процесот на градежна санација на овој препознатлив скопски објект ќе започне од најкритичната точка – заштита од атмосферски влијанија.
„Моментално проектираме решенија за покривот бидејќи зградата прокапува. Штом ќе го средиме покривот и ќе го заштитиме објектот, започнуваме со реновирање на сите простории со систем ‘од горе надолу’. Тоа е реално корисна зграда на одлична локација и мора да ја заштитиме“, објаснува директорот на СОЗР.
Владата ќе гради челична монтажна гаража
Паралелно со внатрешната обнова, СОЗР веќе работи на решавање на горливиот проблем со паркирањето околу МРТВ. На просторот на плацот каде неодамна службата расходуваше и продаде 104 стари возила како старо железо, ќе никне нов паркинг комплекс.
Иако во деталниот урбанистички план на Општина Центар на таа локација е зацртана класична катна гаража со пазарен маркет, Владата одлучила да преземе побрзо и поефикасно решение.
„Не знаеме кога и дали таа предвидена катна гаража со маркет би се направила од општината, па затоа ние како Влада пристапивме кон проектно решение за монтажна гаража. Станува збор за челична (железна) конструкција која се гради многу побрзо и која ќе има капацитет за 400 до 500 возила. Ова е клучно, бидејќи кога зградата на МРТВ ќе ја ставиме во целосна функција, без паркинг таму ќе настане вистински сообраќаен хаос“, дециден е Томовски.
Што се однесува до роковите, тој најави дека во текот на летово треба да заврши проектирањето и усогласувањето на законските процедури со Општина Центар и Министерството за транспорт и врски, со цел во септември или октомври да се распише тендерот за изведувач, по што брзо би започнала монтажата на терен.