Здравје

Пролетните алергии ги мачат илјадници граѓани: Еве како полесно да се справите!

Пролетните алергии ги мачат илјадници граѓани: Еве како полесно да се справите!

Со затоплувањето на времето и расцутувањето на природата, за многумина започнува и периодот на сезонски алергии. Кивање, затнат нос, чешање на очите и постојано солзење се само дел од симптомите со кои секоја пролет се соочуваат луѓето чувствителни на полен.

Лекарите предупредуваат дека концентрацијата на полен во воздухот во последните години е сè поголема, особено во топлите и ветровити денови, што дополнително ги влошува тегобите кај алергичните лица. Сепак, велат дека со навремена превенција и соодветна терапија симптомите може значително да се ублажат.

Најчестите знаци на алергија на полен се често кивање, течење или затнат нос, чешање на носот и очите, црвенило и солзење на очите, кашлица, гребење во грлото, но и замор и главоболка. Симптомите често наликуваат на настинка, но за разлика од вирусните инфекции, кај алергиите обично нема покачена температура и болки во телото.

Експертите советуваат лицата кои имаат проблеми со сезонски алергии да избегнуваат подолг престој на отворено во раните утрински часови, кога концентрацијата на полен е највисока. Се препорачува и прозорците да се држат затворени во текот на денот, а дома да се користат клима уреди со филтри.

По враќање од надвор, важно е да се сменат облеката и да се измие косата, бидејќи поленот лесно се задржува на ткаенините и косата. Редовното чистење на домот, усисувањето и бришењето прашина исто така помагаат за намалување на алергените во просторот.

Лекарите посочуваат дека кај поблаги симптоми може да помогнат физиолошки раствори за нос, доволен внес на течности и избегнување на алергените, додека кај посериозни реакции најчесто се препорачуваат антихистаминици или спрејови за нос.

Покрај терапијата, дел од експертите советуваат и зајакнување на имунитетот преку правилна исхрана богата со витамини Ц и Д, како и редовна физичка активност, што може дополнително да придонесе организмот полесно да се справи со сезонските алергии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни