Во скопската општина Центар денеска се спроведуваат итни активности за санација и стабилизација на теренот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во реонот кај Католичката црква, по појава на свлечиште во близина на активен градежен зафат.
На лице место извршен е увид од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со деканот на Градежниот факултет, инспекциските служби и стручни лица, кои дадоа насоки за итно постапување и заштита на околниот простор.
По добиените експертски препораки, започнати се активности за затрупување и обезбедување на локацијата, со цел стабилизирање на земјиштето, спречување на понатамошни оштетувања и зголемување на безбедноста за граѓаните и околните објекти.
Герасимовски истакна дека општината реагирала веднаш по констатирањето на состојбата и дека ќе се преземат сите потребни мерки за целосно санирање на теренот.
„Безбедноста на граѓаните е на прво место. Од првиот момент реагиравме и заедно со стручните служби ги спроведуваме мерките за стабилизација на просторот. Благодарност до Градежниот факултет за брзата реакција и стручната поддршка. Нема да има толеранција за несовесно градење“, изјави Герасимовски.
Од општината информираат дека инспекциските служби остануваат на терен и продолжуваат со надзорот. Веќе се изречени санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат поради утврдени неправилности во изведбата, кои не биле во согласност со издаденото одобрение за градба.
Општина Центар најавува континуирани активности до целосно стабилизирање на просторот и утврдување на одговорност за сите констатирани пропусти.