Македонскиот државен возен парк за пречек на странски високи гости е доведен до толку мизерно и девастирано ниво, што државата е принудена да прави вистински логистички акробации при секоја официјална посета на странски премиери или претседатели. Ова шокантно признание во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изнесе директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
На прашањето како службата менаџира големи настани како министерски совети или премиерски посети со оглед на акутниот недостиг на возила, Томовски излезе со фрапантни детали за тоа како се „крпи“ државниот протокол кога во Скопје доаѓаат лидери како Андреј Пленковиќ или Виктор Орбан.
Како се собираат возила за странските делегации?
Според признанието на првиот човек на СОЗР, кога во државата доаѓа висока странска делегација, возилата буквално се собираат од сите страни по однапред утврдена шема:
- Прв чекор: СОЗР привремено ги одзема и ги повлекува возилата кои по закон им следуваат на поранешните претседатели на државата.
- Втор чекор: Се прави скрининг кој од актуелните министри во Владата не учествува на конкретниот самит или настан, па итно се повлекуваат и нивните службени возила.
„Можам слободно да изјавам дека имаме никаков возен парк! Срамно е за една држава да не може да услужи една странска делегација, па да мора да ги повлекува возилата од луѓето кои што ги спомнав“, дециден е Томовски.
Државен трошок за приватни рента-кар компании
Дека ситуацијата е алармантна потврдува и фактот што покрај „одземањето“ на автомобилите од поранешните шефови на државата и од актуелните министри, СОЗР е принудена дополнително да троши буџетски пари за изнајмување возила од приватни компании.
За да се покријат потребите на странските тимови, државата редовно распишува јавни тендери за рента-кар услуги, пред сè за изнајмување на минибуси и комбиња.
Ваквата понижувачка пракса на „позајмување“ и изнајмување, според Томовски, е главната причина зошто СОЗР веќе итно покрена процедура за пазарно истражување. Целта е час поскоро да се реализира набавка на сопствени ВИП комбиња со кои конечно би се прекинал овој повеќегодишен институционален срам пред меѓународната заедница.