Американскиот претседател Доналд Трамп на „Truth Social“ објави низа услови кои, според него, Иран мора да ги прифати во можен договор со САД. Тој порача дека Техеран мора да се согласи никогаш да нема нуклеарно оружје, како и дека Ормускиот Теснец веднаш мора да биде отворен за непречен бродски сообраќај во двата правци, без никаква наплата за поминување.
„Иран мора да се согласи дека никогаш нема да има нуклеарно оружје или бомба. Ормускиот Теснец мора веднаш да биде отворен, без наплата, за непречен бродски сообраќај во двата правци“, напиша Трамп.
Мини во Ормускиот Теснец
Трамп наведе дека сите морски мини, доколку ги има, мора да бидат отстранети. Додаде дека американските сили веќе отстраниле, односно детонирале бројни мини со помош на, како што напиша, „големи подводни миноловци“.
„Иран ќе го заврши итното отстранување и/или детонирање на сите преостанати мини, а нив нема да има многу“, објави американскиот претседател.
Според неговата објава, американската поморска блокада ќе биде укината, а бродовите кои поради неа останале заробени во теснецот ќе можат да продолжат со пловидбата.
„Поздравете ги вашите сопруги, сопрузи, родители и семејства од мене, вашиот омилен претседател“, напиша Трамп.
„Збогатениот материјал ќе биде уништен“
Трамп посебно зборуваше за иранскиот збогатен материјал, кој го нарече „нуклеарна прашина“. Тој тврди дека се наоѓа длабоко под земја, под речиси урнати планини, по американскиот напад со бомбардери Б-2 пред 11 месеци.
Според Трамп, материјалот ќе биде ископан од САД, во координација со Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија, по што ќе биде уништен.
„Збогатениот материјал, кој понекогаш се нарекува ‘нуклеарна прашина’, ќе биде ископан од страна на САД, во тесна координација и соработка со Исламската Република Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија, и ќе биде уништен“, напиша тој.
Трамп додаде дека засега нема да има размена на пари и дека се договорени и други, како што наведе, „далеку помалку важни“ точки.
На крајот од објавата порача дека ќе одржи состанок со највисоките безбедносни претставници во Белата куќа за да донесе конечна одлука.
„Сега ќе одржам состанок за да донесам конечна одлука. Ви благодарам за вниманието поврзано со ова прашање“, напиша Трамп.