Бизнис

Македонците инвестираа 110 милиони евра во странство, Шпаркасе Банка е лидер на странските берзи, нето-средствата на фондовите скокнаа за 35%

Македонците инвестираа 110 милиони евра во странство, Шпаркасе Банка е лидер на странските берзи, нето-средствата на фондовите скокнаа за 35%

Годината зад нас донесе евидентен пресврт во навиките на македонските инвеститори, кои сè повеќе се свртуваат кон глобалните финансиски пазари и алтернативните форми на институционално вложување. Најновиот извештај на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) открива дека во текот на 2025 година резидентите на Република Северна Македонија на странските берзи инвестирале стабилни 6,78 милијарди денари (околу 110 милиони евра).

Ова претставува значаен пораст од 6,97% во споредба со 2024 година. Колку странските пазари стануваат атрактивни за македонските граѓани и фирми покажува податокот дека од вкупниот берзански промет реализиран преку домашните овластени посредници, на странските берзи отпаѓаат високи 41,45%. Исто како и на домашниот пазар, и во странство македонските резиденти примарно тргувале со акции.

Шпаркасе Банка е апсолутен предводник во странство Инвестирањето на меѓународните берзи се реализирало преку пет домашни овластени субјекти (четири банки и една брокерска куќа), но податоците покажуваат огромна концентрација кај еден пазарен играч. Шпаркасе Банка АД Скопје е дефинитивен лидер во овој сегмент, со реализиран промет од 2,83 милијарди денари, со што контролира дури 42% од вкупниот македонски колач во странство.

Анализата на КХВ упатува на заклучок дека оваа банка е речиси целосно стратешки ориентирана кон сервисирање клиенти кои вложуваат надвор, бидејќи дури 97% од нејзиниот вкупен промет е остварен на странските пазари, на сметка на само 3% реализирани дома. На второ место според пазарниот удел во странство е Комерцијална Банка АД Скопје со 28%, по што следуваат НЛБ Банка (15%), Инвестброкер (9%) и Стопанска Банка АД Скопје (6%).

Вистинска експлозија и рекорден раст кај инвестициските фондови Еднакво фасцинантни се и показателите во колективното инвестирање. Домашниот пазар на инвестициски фондови во 2025 година се прошири со едно ново друштво за управување (Опфолио Инвестиции АД Скопје) и два нови отворени фонда, со што вкупната бројка достигна 6 друштва кои менаџираат со 26 отворени инвестициски фондови.

Довербата на јавноста во овие институции е во огромен подем. На крајот на 2025 година, вкупната нето-вредност на средствата на инвестициските фондови достигна историски рекорди од 29.374,66 милиони денари (околу 477 милиони евра). Ова е неверојатен скок од 35,26% или чист прилив на нови 7,65 милијарди денари во однос на претходната година.

Најголем дел од парите граѓаните ги довериле на акциските фондови кои имаат доминатна позиција со 48,85% удел, по што следуваат сигурните парични фондови со 36,25% учество. Најголем поединечен пазарен удел во вкупната нето-вредност на имотот на сите фондови и понатаму уверливо го држи друштвото КБ Инвест АД Скопје.

Што се однесува до менаџирањето со овие огромни капитални средства, македонските фондови покажале јасен фокус. Трите клучни сектори во кои најмногу се инвестирале парите се: Финансиски услуги (22,36%), Информатичка технологија (19,11%) и Здравство (14,39%). Географски гледано, фондовите најголемиот дел од средствата (52,28%) ги задржале инвестирани во домашната економија, додека 25,31% се пласирани во Европа, а 19,73% во Северна Америка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни