„Енвидија“, водечка американска технолошка компанија, ја купи компанијата „Кумо АИ“, мал стартап кој развива модели за точни деловни предвидувања, за 400 милиони долари. Коосновач и извршен директор на „Кумо АИ“ е Македонецот Вања Јосифовски.
Според извори од порталите за технологии и бизнис, „Информејшн“ и „Форчун“, „Енвидија“ не даде официјално изјавување за оваа трансакција, но информацијата е потврдена од неколку извори запознаени со ситуацијата. Тројцата коосновачи на „Кумо АИ“ – Вања Јосифовски, професорот на Стенфорд Јуре Лесковец и Хема Рагаван, поранешна инженеринг директорка на „Линкдин“ – минатиот месец преминале во „Енвидија“ според нивните профили на Линкдин.
Вања Јосифовски, кој во моментот живее и работи во САД, претходно работел како главен директор за технологија во компании како „Ербиенби“ и „Пинтерест“, а бил и главен истражувач во интернет компанијата „Јаху“.
„Енвидија“ е позната по својата специјализација во дизајнирање и производство на графички процесори, чипови за вештачка интелигенција и хардвер за центри за податоци. Компанијата е сметана за еден од најголемите двигатели на современата технологија во светот.
Со оваа аквизиција, „Енвидија“ дополнително ја зајакнува својата позиција на пазарот и покажува интерес за иновации во области поврзани со вештачка интелигенција и деловни предвидувања.