Скопската музичка и угостителска сцена остана без уште едно препознатливо име. Почина Глигор Пандиловски – Гиц, музичар, извршен продуцент и долгогодишен угостител, кој на повеќе генерации скопјани им остана познат како сопственик на култното кафуле „Чао“ во Градскиот трговски центар.
Пандиловски бил дел од музичката сцена во Скопје уште во 1970-тите и почетокот на 1980-тите години. Свирел тапани во повеќе состави, меѓу кои и ВИС „Урагани“.
Подоцна се посветил на угостителството и го отворил „Чао“ во ГТЦ, локал кој со години бил едно од препознатливите места за собирање на младите и дел од урбаниот живот во центарот на Скопје.
Во просторот на „Чао“ со години се одржувале промоции, прес-конференции и музички настапи, а локалот останал запаметен како место кое било тесно поврзано со некогашниот ноќен и урбан живот во ГТЦ.
Последните повеќе од десет години Пандиловски живеел на релација Скопје – Гетеборг, Шведска, но и понатаму ги одржувал врските со македонската музичка сцена.
Во последниот период бил активен и како извршен продуцент во организацијата на „Охрид фест – Охридски трубадури“. Од фестивалот јавно се простија од својот долгогодишен соработник.
Со неговото заминување, скопската музичка и угостителска сцена загуби човек кој со децении беше дел од нејзината историја.