Европската слободна алијанса (ЕФА) едногласно усвои декларација со која упати остар апел до Софија, барајќи Бугарија официјално да се извини за злосторствата извршени врз македонското малцинство за време на комунистичкиот режим. Во документот се нагласува дека Македонците во Бугарија денес се соочуваат со една од најсериозните кризи на човековите права во рамките на Европската Унија.
ЕФА, која ја сочинуваат европски партии што ги претставуваат регионите, малцинствата и народите без држава, децидно бара од Бугарија итно да ги спроведе 14-те пресуди изречени од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, кои се однесуваат на правото на здружување на македонското малцинство.
Во образложението на декларацијата се потенцира дека системската репресија и негирањето на етничкиот идентитет се директно продолжение на денационализаторската политика започната под диктатурата на Тодор Живков во 1963 година. ЕФА предупредува дека современите бугарски политичари сè уште ја користат истата реторика од тоа време, тврдејќи дека „Македонците не смеат и не можат да постојат“.
Алијансата обелоденува дека Бугарија активно се обидува да ја избегне меѓународната одговорност. Официјална Софија побарала од Комитетот на министри предвреме да го затвори мониторингот врз случаите за прекршување на правото на слободно здружување (Член 11), со што на македонските организации и понатаму насилно им се ускратува легалната регистрација.
Според ЕФА, преку оваа добро позната политичка мантра, Софија се обидува да го претстави македонскиот идентитет како „вештачка идеологија“ и со тоа да го условува членството на Македонија во ЕУ со насилна промена на етничкиот идентитет на народот. Овој тренд се потврди и при гласањето во Европскиот парламент за извештајот за пристапување на европратеникот Томас Вајц, каде што бугарските претставници со амандмани се обидоа да го избришат признавањето на македонскиот идентитет и да го дефинираат како „современ конструкт“.
Клучни барања на Европската слободна алијанса (ЕФА):
- Итна меѓународна свесност: Да се сврти вниманието кон алармантната состојба со човековите права на Македонците во Бугарија, одбивањето да се регистрираат нивните организации и говорот на омраза на кој се изложени.
- Правна одговорност за Бугарија: Европската Унија мора строго да ја повика Бугарија на одговорност за доследно прекршување на обврските за заштита на малцинските права како земја-членка.
- Крај за двојните стандарди: ЕУ да престане да применува двојни аршини кон земјите-членки во споредба со земјите-кандидати кога станува збор за заштита на националните малцинства.
- Политичка репрезентативност: Обезбедување место за македонски претставник во бугарскиот Национален совет за соработка за етнички и интеграциски прашања, од каде што заедницата моментно е целосно исклучена.
- Официјално извинување за историските злосторства: Бугарија јавно да се извини за илјадниците Македонци кои беа тепани, насилно раселувани, понижувани, затворани и убивани за време на комунизмот само поради изразување на својот етнички идентитет и за спротивставување на бугарската асимилација.