Хидроенергетскиот систем „Чебрен и Галиште“ е стратешки проект од регионално значење, а државата е многу блиску до конечна одлука самата да го финансира и изгради, најави премиерот Христијан Мицкоски. По серијата неуспешни тендери и обиди за јавно-приватно партнерство во минатото, Владата сега планира да формира меѓународен финансиски синдикат за реализација на овој историски потфат.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за доградба на училиште во општината Ѓорче Петров, Мицкоски нагласи дека примарната функција на новиот комплекс централи на Црна Река нема да биде само струјата, туку справувањето со климатските промени и обезбедувањето вода.
„Направивме пресметки и цениме дека ова е историски проект. Има многу причини поради кои јас, колегите во Владата и во АД ЕСМ веруваме дека треба, народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами. Доколку ги заокружиме разговорите со меѓународните финансиски институции, реално е да се очекува веќе следната година да го ставиме камен-темелникот“, изјави премиерот.
Имајќи ги предвид глобалните климатски промени, Мицкоски потенцираше дека поважно од самата енергија е создавањето на два огромни резервоара за питка вода. Овие акумулации дополнително ќе го помогнат и земјоделството во Тиквешијата. Моментно, од постоечката ХЕЦ „Тиквеш“ се наводнуваат околу 60 илјади хектари земјоделско земјиште главно со лозови насади, а новите количини вода значително ќе го унапредат овој процес. Според премиерот, производството на електрична енергија доаѓа дури како трет или четврти бенефит од проектот.