Две лица загинаа, а едно е тешко повредено во страшната сообраќајна несреќа што се случи денеска околу 13:30 часот на експресниот пат Прилеп – Градско. Во несреќата учествувале две возила со прилепски регистарски ознаки, а Секторот за внатрешни работи Велес попладнево соопшти официјални детали за трагедијата и го потврди идентитетот на настраданите.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила веднаш по исклучувањето за Кавадарци, каде директно се судриле патничко возило „шкода октавија“, управувано од 51-годишниот Ж.Р. од Прилеп, и „фолксваген голф“, зад чиј управувач бил неговиот сограѓанин Т.М. (39).
Двајца починати на местото на несреќата
Од силината на ударот, на самото место починале возачот на „шкодата“, Ж.Р., како и неговата сопатничка, 42-годишната Б.Б., исто така од Прилеп. Лекар од екипата на Итната медицинска помош од Кавадарци само можел да констатира смрт кај двајцата патници.
„Со тешки телесни повреди се здобил возачот на ‘голфот’. Повредите првично биле констатирани во Општата болница во Кавадарци, по што поради сериозноста на состојбата, тој итно бил пренесен во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, се наведува во соопштението на СВР Велес.
Сообраќајот беше во прекин неколку часа
Увид на местото на трагедијата изврши дежурен јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци, кои треба да ги утврдат точните причини кои довеле до директниот судир.
Поради вршењето на увидот и расчистување на теренот, сообраќајот на овој дел од експресниот пат беше во прекин неколку часа, а целосно е нормализиран по 17:00 часот.