Магазин

Тајландската принцеза Бајракитијаба почина по повеќе од три години поминати во кома

Тајландската принцеза Бајракитијаба почина по повеќе од три години поминати во кома

Тајландската принцеза Бајракитијаба, која повеќе од три години беше во кома, почина, соопшти кралското семејство. Таа имаше 47 години.

Принцезата колабираше во декември 2022 година додека ги шетала своите кучиња. Лекарите тогаш соопштија дека причината била тешка срцева аритмија предизвикана од инфекција со микоплазма која го зафатила срцето.

Со нејзината смрт, тајландското кралско семејство го загуби својот најистакнат и најуспешен член, како и личност која можеше да има клучна улога во сè уште неразјаснетото прашање за наследувањето на тронот.

Бајракитијаба беше најстарото од седумте деца на кралот Ваџиралонгкорн. Родена е на 7 декември 1978 година од неговиот прв брак со принцезата Соамсавали, која воедно му е и братучетка.

„Медицинскиот тим ѝ обезбеди најблиска и најинтензивна можна нега, но нејзината состојба продолжи постепено да се влошува“, се наведува во соопштението на кралскиот дворец објавено во петокот. Во него се додава дека принцезата починала во 19:48 часот по локално време во болницата „Чулалонгкорн“.

Бајракитијаба по професија беше правничка. Таа стекна две постдипломски дипломи на Универзитетот Корнел во САД. Накратко работеше во тајландската мисија при Обединетите нации во Њујорк, а потоа се врати во Тајланд каде што беше ангажирана во канцелариите на државниот обвинител.

Од 2012 до 2014 година беше амбасадорка на Тајланд во Австрија, каде што воспостави блиска соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).

Таа активно се залагаше за реформи во казнено-поправниот систем, со посебен акцент на ранливите жени кои завршуваат во затвор. Тајланд е меѓу земјите со најголем број затворенички во светот.

По враќањето во татковината беше именувана за амбасадорка на УНОДЦ за владеење на правото во Југоисточна Азија и продолжи да се залага за реформи во тајландскиот правосуден систем, каде што често се изрекуваат строги казни и за релативно мали прекршоци поврзани со дрога.

Во 2021 година нејзиниот татко ја назначи за началник на неговото лично обезбедување и ѝ го додели чинот генерал.

Принцезата беше позната и како голем љубител на спортот и физичката активност, а редовно учествуваше на долги трки.

Нејзините способности и довербата што кралот јавно ја покажуваше кон неа честопати ја ставаа во центарот на шпекулациите околу идниот наследник на тронот.

Кралот Ваџиралонгкорн, кој има 73 години, сè уште нема официјално именувано наследник. Според тајландската традиција, наследникот треба да биде маж, но уставните измени од 1974 година овозможуваат и жена да седне на тронот.

Кралот има пет синови. Четворица од нив, од неговиот втор брак, беа отфрлени од кралското семејство во 1996 година и оттогаш живеат со својата мајка во САД. Неговиот петти син, принцот Дипангкорн, кој е роден од третиот брак на кралот, се смета за најверојатен наследник, иако постојат сомнежи околу неговата способност да ја извршува улогата на монарх.

За многу поддржувачи на монархијата во Тајланд, принцезата Бајракитијаба беше најсериозниот кандидат да го наследи својот татко, било како кралица или како регент кој би му помагал на принцот Дипангкорн.

Нејзината смрт повторно го отвори прашањето за наследувањето на тронот во Тајланд, но строгите закони за навреда на монархијата практично не дозволуваат јавна дебата на оваа тема.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни