Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, тврди дека се соочува со правна и политичка неправда откако добил упатен акт за издржување затворска казна, иако, според него, сѐ уште не му е врачена правосилната пресуда.
Јакимовски соопшти дека добил известување според кое најдоцна до 2 јули треба да се јави во затворот „Скопје“ во Шутка за издржување на казната. Тој смета дека одолговлекувањето на постапката пред Врховниот суд, како и фактот што пресудата сѐ уште не му е доставена, се резултат на политички влијанија.
Апелацискиот суд во Скопје неодамна ја потврди едногодишната затворска казна за кривичното дело бесправно градење, кое се однесува на бараката во која до септември минатата година беше сместена Општина Карпош. Со оглед дека претходно поминал речиси пет месеци во притвор, на Јакимовски му остануваат уште околу седум месеци за издржување од казната.
Според него, правосилноста на пресудата има и политичка заднина, односно има за цел да го оневозможи повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош, особено доколку се распишат предвремени локални избори.
Јакимовски информираше и дека до надлежните институции поднел барање за одложување на извршувањето на казната поради здравствени причини.
Во меѓувреме, Апелацискиот суд ја укина тригодишната затворска казна која му беше изречена за злоупотреба при издавање уверенија за општинската барака, оценувајќи дека обвинението не ги содржело сите неопходни елементи на кривичното дело. Овој дел од предметот повторно ќе се најде пред судските органи, каде Јакимовски повторно ќе се соочи со обвинение за злоупотреба на службената положба.
„Ова е прв и единствен случај некој во Македонија да оди во затвор за дивоградба“, изјави Јакимовски, повикувајќи го Врховниот суд да одлучува независно и без притисоци.