Балкан

Грција воведува итни мерки на границата: привремено влез само со пасоши, без биометрија, како до досега

Грција воведува итни мерки на границата: привремено влез само со пасоши, без биометрија, како до досега

Новата системска постапка за влез на Европската унија, која бара прибирање биометриски податоци од државјани на земји надвор од ЕУ (отпечатоци од прсти и фотографија на лицето), предизвика значителни доцнења и долги редици на граничните премини, особено на „Евзони“, објави „Катимерини“.

Поради дополнителните проверки, времето за обработка по патник се зголеми од околу 20–30 секунди на две до три минути, што го намали протокот на автомобили и туристички автобуси.

За да се избегнат екстремни застои, грчките власти привремено ја суспендираат примената на биометриската проверка во периоди на најголем метеж. Во тие часови, премините ќе функционираат само со стандардна пасошка контрола — како порано.

Суспензијата е краткорочна (може да трае неколку часа) и се активира кога има долги редици од автобуси и автомобили.

Оперативни мерки на премините

  • Отворање нови шалтери за побрза обработка на патници.
  • Оптимизација на постојните ленти и подобро искористување на инфраструктурата.
  • Привремено пренаменување на постојни објекти за зголемување на капацитетот.

„Ова е мерка што ја имаме воведено и во часови на пик ја применуваме континуирано. Се обидуваме да ‘исцедиме’ сè што можеме,“ изјави Константинос Гиулекас, заменик-министер за внатрешни работи задолжен за прашањата на Македонија и Тракија.

Според официјални податоци, во 2024 година околу 12 милиони посетители влегле во Грција преку патниот сообраќај. Претседателот на Здружението на хотелиери на Пиерија, Харис Цитлакидис, забележува намален број туристи во однос на претходните години.

„Туристите од Балканот ја поддржуваат и продолжуваат да ја поддржуваат регијата, особено во тешки времиња. Во време кога расположливите приходи за одмор се намалени и две војни се случуваат во регионот, ние додадовме уште еден проблем,“ предупреди Цитлакидис, посочувајќи дека овие гости може да се префрлат кон поевтини и подостапни дестинации како Албанија или Египет.

Здружението побара, доколку не е можно навремено да се спроведат подготвителни мерки — како редизајн на влезните пунктови и зголемување на персоналот — владата да ја суспендира биометриската мерка до октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни