Македонија

Парада на гордоста во Скопје, се бара правно признавање на родот, Закон за матична евиденција, заштита од насилство и борба против говорот на омраза

Парада на гордоста во Скопје, се бара правно признавање на родот, Закон за матична евиденција, заштита од насилство и борба против говорот на омраза

Со пораки за еднаквост, прифаќање и видливост, денес од фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк започна осмата Парада на гордоста во Скопје, која годинава се одржува под слоганот „Сите нека знаат“.

Учесниците носеа знамиња и симболи во боите на виножитото, а организаторите истакнаа дека слоганот ја нагласува потребата од поголема видливост на ЛГБТИ+ заедницата и упатува на предизвиците и недостатоците во системот со кои таа сè уште се соочува.

Според организаторите, годинашниот марш има изразен протестен карактер и претставува одговор на зголемениот притисок и обидите за институционално невидливеење на ЛГБТИ+ заедницата.

Поворката се движи по проширена маршрута низ централното градско подрачје: започна по булеварот „Илинден“, продолжува по улицата „Рузвелтова“, булеварот „Партизански одреди“, булеварот ВМРО и улицата „Димитрие Чуповски“, а ќе заврши во паркот „Жена-борец“, спроти Собранието.

За разлика од претходните години, организаторите одлучија маршот да мине без музичка програма и забавен дел на крајната локација, со цел фокусот целосно да биде ставен на протестните пораки и барањата.

Меѓу клучните барања се донесување на Законот за матична евиденција, правно признавање на родот, посилна заштита од насилство и поодлучна борба против говорот на омраза.

По завршувањето на маршот, заедницата ќе ја одбележи Парадата на гордоста со вечерен настан во културниот центар „Лабораториум“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни