Со грандиозна изведба на делото на Карл Орф под палката на маестро Најден Тодоров, оркестри и хорови од Македонија, Бугарија и Грција вечерва упатија силна порака за културно обединување на Балканот. Настанот се одржа на отворено, во Градскиот парк во Скопје, пред бројна публика.
Спектаклот воедно го означи крајот на концертната сезона „Без филтер“ на Филхармонијата. Повеќе од двесте уметници од земјава, Бугарија и Грција настапија обединети, збогатени со вокалите на хорот на Националната опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште во Солун.

Иницијатор на овој регионален проект, кој претходно беше изведен во Софија и Солун, е бугарскиот маестро Најден Тодоров, кој вечерва диригираше со здружените ансамбли.
Како солисти настапија македонската сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, кои добија силни овации од публиката за своите интерпретации.
Со врвната музичка изведба и спојувањето на уметници од три соседни земји, концертот уште еднаш ја потврди улогата на културата како мост на соработка и пријателство во регионот.