Извозот е една од најважните алатки за намалување на трговскиот дефицит и зајакнување на домашната економија, но последниот извештај за спроведувањето на Националната развојна стратегија покажува дека очекуваните резултати сè уште изостануваат.
Во меѓувреме, проектот за експлоатација на бакар во Иловица останува на чекање, иако анализите покажуваат дека рудникот би можел да произведува најмалку 10.000 тони бакар годишно во период подолг од две децении. Во услови кога цената на бакарот на светските пазари достигнува историски високи нивоа, поддржувачите на проектот сметаат дека Македонија пропушта значајна извозна можност.
Инаку, државата согласно Националната развојна стратегија 2024-2044 очекува да постигне високо интегрирана економија во меѓународната трговија и меѓународните финансии.
„Зголемувањето на иновативноста, продуктивноста и зајакнувањето на конкурентниот притисок внатре, во домашната економија, се клучни фактори за зголемување на конкурентноста и за постигнување висока интегрираност на земјава во клучните сфери на меѓународната трговија и на меѓународните финансии – извоз на добра и услуги со висок степен на финализација, странски директни инвестиции и трансфер на технологија. Посебно внимание ќе се посвети на привлекување странски директни инвестиции од високотехнолошки корпорации како и на соработка со домашните компании со цел нивно активно вклучување во глобалните синџири на висока додадена вредност“, се наведува во националниот документ.
Сепак, првиот извештај за спроведувањето на стратегијата покажува дека на прашањето на македонскиот извоз ќе биде потребно уште многу да се работи. За пример е земен растот од 3,8% во третиот квартал од 2025 година, кој во најголем дел произлегува од домашната побарувачка, при што бруто-инвестициите имаа најзначаен придонес во вкупната економска експанзија.
„Личната и јавната потрошувачка дадоа умерен позитивен придонес, додека нето-извозот имаше негативен ефект поради побрзиот раст на увозот во однос на извозот, што укажува на зголемена зависност од увезени добра и опрема поврзани со инвестицискиот циклус“, се истакнува во Извештајот.
Во текстот се додава дека трговскиот дефицит останува структурен предизвик, при повисок раст на увозот во однос на извозот, што делумно се поврзува со зголемената побарувачка за увозна опрема и енергенси.
„Показателите за меѓународна трговска интеграција ја потврдуваат традиционално високата отвореност на македонската национална економија, но истовремено упатуваат и на предизвиците со коишто се соочува македонската економија од аспект на потребата од дополнителна пенетрација на извозните пазари. Индексот за пенетрација на извозните пазари бележи бавен, но конзистентен напредок, од 4,19 (2021) и 4,36 во 2023 година со крајна цел 7 до 2044, упатувајќи на јаз, но и потреба од посистематска диверзификација на извозните пазари и зајакнување на конкурентноста на македонските производи“, се посочува во Извештајот.
Претходно и експерти на МАНУ, во Стратегијата за минерални суровини, потенцираа дека македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес, имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност.