Македонија

Една година по одлуката за спомен-обележјето за жртвите од „Пулс“ – семејствата бараат одговори

Една година по одлуката за спомен-обележјето за жртвите од „Пулс“ – семејствата бараат одговори
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Една година по донесувањето на одлуката за обезбедување средства за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во „Пулс“, здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ бара од институциите конкретни одговори за реализацијата на проектот.

Од здружението потсетуваат дека на 18 јуни 2025 година во Собранието беше прифатен амандман со кој беа обезбедени 2 милиони денари за идејно решение и започнување активности за изградба на спомен-обележјето. Одлуката потоа беше објавена во „Службен весник“ на 23 јуни минатата година.

Според здружението, на средба со министерот за култура и туризам им било посочено дека средствата предвидени претходно биле искористени за други намени, но дека во текот на оваа година ќе биде направена нова прераспределба за реализација на меморијалот.

Од таму наведуваат дека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во јавна изјава информирал дека преку нова прераспределба во буџетот за 2026 година повторно се обезбедени 2 милиони денари и дека според информациите со кои располага Министерството, веќе се работи на основниот проект.

Здружението бара појаснување дали најавената прераспределба е официјално донесена, дали постои формален акт за определување на средствата и кога тие ќе бидат ставени на располагање за реализација на спомен-обележјето.

„Прашањето е дали одлуките донесени во Собранието и објавени во Службен весник ќе останат само на хартија или ќе добијат конкретна реализација“, велат од „16-ти Март 2025 – Кочани“.

Тие посочуваат дека меморијалот не е само градежен проект, туку место на сеќавање и почит кон 63-те животи загубени во трагедијата.

Од здружението додаваат дека очекуваат институциите да преземат одговорност и проектот да биде реализиран со соодветна поддршка од државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни