Владата денеска, на предлог на Министерството за финансии, ги усвои Измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се врши усогласување на буџетските проекции со актуелните економски движења и се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на развојните приоритети на државата.
Како што кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од растот на цените на енергенсите, случувањата на меѓународните пазари и конфликтите во одделни региони. И покрај овие предизвици, македонската економија покажува отпорност и задржува позитивни трендови.
Како што потенцираше министерката со ребалансот, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари.
„Со ребалансот обезбедуваме стабилност на јавните финансии, но истовремено создаваме простор за повеќе инвестиции, поголема економска активност и поквалитетни услуги за граѓаните. И во услови на глобална неизвесност, остануваме посветени на одговорно управување со јавните средства и поддршка на развојот“, истакна Димитриеска-Кочоска.
На расходната страна, како што кажа министерката вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари, во однос на иницијално планираното ниво, дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети – обезбедување средства за земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку социјалните надоместоци, народните кујни и мерките за деинституционализација.
Буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари или 4,1 проценти од БДП. За првпат, како што истакна министерката, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата
„Особено значајно е што со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“ кажа Димитриеска-Кочоска.
Дополнителните средства ќе бидат насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата, меѓу кои се изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, изградбата на железничкиот Коридор VIII, инвестициите во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, изградба и реконструкција на училишта, градинки, студентски домови, како и инвестиции во руралниот развој и модернизацијата на земјоделството.
“Значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините преку инвестиции во локална патна и комунална инфраструктура, образовни и спортски објекти, со што се обезбедува рамномерен регионален развој и подобар квалитет на живот за граѓаните во сите делови на државата“ кажа министерката.
Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.