Македонската книжевна, новинарска и културна сцена остана без едно од своите најистакнати имиња. На 88-годишна возраст во Скопје почина Јован Павловски, писател, публицист, енциклопедист и долгогодишен новинар, чие творештво остави длабока трага во современата македонска култура.
Во текот на својата богата кариера Павловски беше активен во повеќе области, оставајќи значаен придонес како автор, уредник, професор и општествен деец. Тој во три наврати ја извршуваше функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а долги години работеше во „Нова Македонија“, каде што беше новинар, уредник и дописник од Париз и Москва. Своето знаење го пренесуваше и како професор по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Павловски зад себе остави обемен книжевен опус. Меѓу неговите најпознати прозни дела се романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, кој се смета за прв македонски политички роман, и „Сок од простата“, едно од најчитаните и најдискутирани дела во македонската литература. Во поезијата се истакна со збирките „Медеја“ и „Идентитет“, додека во литературата за деца особено се запаметени книгите „Мишо ишо шо о“ и „На сите светски страни само Ани, само Ани“.
Како публицист, Павловски остана запаметен по делата „Бев со нив“, која се смета за прва книга со интервјуа во македонското новинарство, и „Гемиџиите“, едно од неговите најобјавувани изданија. Значаен придонес даде и во областа на енциклопедистиката како главен уредник и коавтор на капиталните изданија „Личности од Македонија“ и четиритомната „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“.
За своето долгогодишно творештво и професионален ангажман доби бројни домашни признанија и награди, меѓу кои „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, „13 Ноември“, „Климент Охридски“, како и повеќе награди за животно дело од областа на литературата и новинарството.
Јован Павловски зад себе остави богато културно наследство кое ќе остане трајно сведоштво за неговата посветеност на македонскиот јазик, книжевност и новинарство. Тој е татко на уставната судијка Ана Павловска-Данева и театрологот и книжевен критичар Мишел Павловски.