Свет

Сенатот одлучи: Трамп да ги прекине сите операции против Иран!

Сенатот одлучи: Трамп да ги прекине сите операции против Иран!

Американскиот Конгрес презеде редок чекор со кој се обидува да го ограничи претседателското право за водење воени операции без претходна согласност од законодавната власт. Сенатот усвои резолуција со која од претседателот Доналд Трамп се бара да ги прекине воените дејства против Иран и за секоја идна акција да побара одобрение од Конгресот.

Мерката беше изгласана со 50 гласа „за“ и 48 „против“, при што поддршка доби и од четворица републикански сенатори – Сузан Колинс, Лиса Мурковски, Ренд Пол и Бил Касиди.

Меѓу демократите имаше поделби, откако сенаторот Џон Фетерман гласаше против резолуцијата, додека двајца републикански сенатори не учествуваа во гласањето.

Претходно, истата иницијатива беше поддржана и во Претставничкиот дом, каде што беше усвоена со 215 гласа „за“ и 208 „против“. Со тоа, двата дома на Конгресот првпат од донесувањето на Законот за воени овластувања во 1973 година поддржаа мерка со која формално се бара од претседателот повлекување на американските сили од воени активности.

Според резолуцијата, американските сили треба да бидат повлечени од непријателствата со Иран, освен во случаи на директна самоодбрана или доколку Конгресот даде посебно одобрение за употреба на воена сила.

Гласањето претставува значаен политички предизвик за администрацијата на Трамп, бидејќи дел од републиканските законодавци застанаа заедно со демократите во барањето ограничување на претседателските воени овластувања.

Трамп ја критикуваше резолуцијата, оценувајќи ја како „лошо темпирана и бесмислена“. Тој порача дека нејзиното усвојување може да ја отежне позицијата на САД во разговорите со Техеран.

Од Белата куќа посочија дека резолуцијата нема обврзувачка правна сила, бидејќи не се испраќа до претседателот на потпис, а според администрацијата воените активности веќе биле прекинати по постигнатиот договор за примирје.

Сепак, правни експерти предупредуваат дека останува отворено прашањето дали Конгресот може преку ваква резолуција директно да го ограничи претседателот во користењето воена сила. Не е исклучена можноста спорот дополнително да се префрли и пред судовите.

Без оглед на конечниот правен исход, одлуката на Конгресот претставува силна политичка порака дека во Вашингтон расте отпорот кон започнување и продолжување на воени операции без претходна согласност од законодавната власт.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни