Нова дипломатска реакција меѓу Македонија и Бугарија предизвика објавувањето на дипломатска нота која содржи информации поврзани со патување на членови на семејството на премиерот Христијан Мицкоски. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повикало бугарскиот амбасадор во земјава Жељазко Радуков и побарало објаснување и темелна истрага од официјална Софија.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски информираше дека случајот бил оценет како сериозен и дека за него биле известени и стратешките партнери на земјава, како и НАТО.
Според Муцунски, станува збор за постапување кое е неприфатливо во односите меѓу две држави, особено поради фактот што во јавноста излегле чувствителни информации поврзани со движење на членови на семејство на висок државен функционер.
Дипломатската нота, која била испратена на 6 јануари, претставувала известување од македонската амбасада во Софија до бугарското Министерство за надворешни работи за патување на сопругата и помалиот син на премиерот Мицкоски во Пампорово.
Во документот, кој подоцна се појавил на социјалните мрежи, покрај датумот на патувањето, биле наведени и детали за времето на преминување на границата, обезбедувањето, возилата, комуникациската опрема и другите безбедносни аспекти.
„Побаравме објаснување и темелна истрага од страна на соседна Бугарија како дошло до ваква ситуација“, изјави Муцунски, оценувајќи дека ваквите случаи не смеат да се случуваат без разлика на политичките несогласувања меѓу двете земји.
Тој посочи дека безбедноста е приоритет и дека во меѓународните односи постојат јасни правила за заштита на податоците, особено кога станува збор за семејства на државни претставници.
Министерот направи паралела со претходни случаи, посочувајќи дека при инцидентот пред бугарската амбасада во Скопје, македонските институции веднаш реагирале и воспоставиле комуникација со бугарските претставници.
Муцунски оцени и дека постои поширок проблем со ширењето содржини преку одредени онлајн платформи и социјални мрежи, каде што, според него, сè почесто се таргетираат и семејства на политичари.
„Слободно напаѓајте не нас. Оставете ги нашите семејства“, порача Муцунски.
Премиерот Мицкоски претходно реагираше дека објавувањето на документот претставува нејасен и неразумен потег кој не придонесува за подобрување на односите меѓу двете земји, туку дополнително ги усложнува.
И покрај новиот спор, Муцунски истакна дека комуникацијата со бугарските претставници во последниот период е засилена. Тој нагласи дека двете страни имаат различни ставови околу европската интеграција на Македонија, но дека треба да се бара решение кое ќе обезбеди предвидлив пат кон членство во Европската Унија.
Според него, Владата продолжува да работи на изнаоѓање решение кое нема да создава нови неизвесности и постојани билатерални условувања.