Breaking Катастрофа во Венецуела: Серија од најсилните земјотреси во историјата на земјата, прогласена вонредна состојба
Македонија

Арсовска бара одговор од Обвинителството: До каде е предметот против Висар Ганиу?

Арсовска бара одговор од Обвинителството: До каде е предметот против Висар Ганиу?

Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, јавно побара одговор од Јавното обвинителство за статусот на предметот поврзан со наводни незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир, за кој, како што тврди, пред повеќе од една година била доставена обемна документација.

Арсовска со барање за пристап до информации од јавен карактер побарала да биде информирана дали е оформен предмет по доказите што Град Скопје ги доставил до Обвинителството на 31 мај 2025 година и во која фаза се наоѓа постапката.

Според неа, документацијата се однесува на два предмета во кои биле користени наводно фалсификувани службени исправи за легализација на бесправни објекти во Општина Чаир. Таа тврди дека во решенијата биле наведени потврди и документи од Град Скопје со архивски броеви кои не постојат во службената евиденција на институцијата.

Во барањето до Обвинителството, Арсовска наведува дека Град Скопје никогаш не издал дел од документите на кои се повикувала Општина Чаир во постапките за легализација, поради што смета дека станува збор за сериозни сомнежи за злоупотреби и употреба на фалсификувана документација.

Таа бара одговор дали обвинителите презеле конкретни дејствија, дали се обезбедени оригиналните списи од Општина Чаир и од Агенцијата за катастар на недвижности, како и дали биле извршени разговори и распити со службени лица поврзани со случајот.

Арсовска, исто така, прашува дали е донесена обвинителска одлука, дали е отворена истрага или е поднесен обвинителен акт, а доколку предметот сè уште е активен, бара информации за сите преземени активности во изминатиот период.

Во реакцијата таа посочува дека постои значителен јавен интерес за случајот и оценува дека едногодишното непостапување отвора сомнежи за евентуално одолговлекување на процесот. Според неа, јавноста има право да знае дали станува збор за објективни процесни причини или за други околности што влијаат врз динамиката на постапката.

Арсовска нагласува дека транспарентноста во ваквите случаи е неопходна за да се отстранат сите сомнежи за селективност и нееднаков третман при постапувањето на институциите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни