Breaking Катастрофа во Венецуела: Серија од најсилните земјотреси во историјата на земјата, прогласена вонредна состојба
Македонија

Филипче до Мицкоски: Вашата опсесија со поранешни функционери е за невропсихологија!

Филипче до Мицкоски: Вашата опсесија со поранешни функционери е за невропсихологија!

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати серија критики кон премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната собраниска седница, оценувајќи дека Владата создава искривена слика за економските состојби во државата и дека граѓаните не ги чувствуваат резултатите за кои зборува власта.

Во својата реплика, Филипче се осврна и на изјавите на премиерот насочени кон поранешни функционери, оценувајќи дека таквите настапи се несоодветни.

„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери коишто плаќате да ги сликаат голи на плажа, веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја невропсихологија“, рече Филипче.

Тој ги доведе во прашање и тврдењата на Владата за добрите економски показатели, прашувајќи зошто тие не се одразуваат врз животниот стандард на граѓаните.

Според него, доколку економските резултати се навистина позитивни, тоа би требало да се почувствува преку повисоки плати во образованието, здравството и социјалниот сектор, како и преку зголемување на минималната плата.

Филипче обвини дека државата е дополнително задолжена и дека средствата не се користат во интерес на граѓаните, туку за партиски цели.

Во своето обраќање тој предупреди и на, како што рече, ризиците за европската перспектива на земјата, оценувајќи дека актуелните политики ја оддалечуваат државата од европските интеграции.

Размената на обвинувања меѓу власта и опозицијата ја одбележа денешната седница во Собранието, која помина во атмосфера на остри политички пораки и спротивставени ставови околу економските резултати и идниот правец на државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни