Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во вторник, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат соопштени кадровските решенија и промените на ресорите во рамки на претстојната владина реконструкција.
Во гостувањето на МРТ, Мицкоски појасни дека промените не зависат само од успешноста на министрите, туку и од потребата за редефинирање на приоритетите на коалициските партнери. Сè уште не е одлучено дали реконструкцијата ќе опфати една третина или повеќе од владините позиции.
„Она што било важно пред две години, денес има поинаква форма и бара поинаков пристап“, изјави премиерот, додавајќи дека конкретните имиња и ресори ќе се знаат по партискиот состанок.
Осврнувајќи се на досегашниот мандат, тој оцени дека државата е во значително подобра состојба отколку кога ја преземале власта. Според него, иако почнале од „длабок минус“, институциите сега се консолидирани и подготвени за побрзо движење напред.