СВР Охрид поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Дебрца поради сомнение за несовесно работење во службата и предизвикување материјална штета на општината.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, пријавен е З.Н.(60) од село Волино, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение дека во периодот од 2017 до 2025 година, додека ја извршувал функцијата градоначалник, не презел соодветни мерки за заштита на општинскиот имот.
Според пријавата, тој дозволил повеќе правни субјекти да користат деловна зграда во сопственост на општината, лоцирана на катастарска парцела во село Волино, и да вршат трговска дејност без склучен договор и без плаќање надомест кон општинскиот буџет.
Од МВР посочуваат дека поранешниот градоначалник бил должен да управува со имотот на општината согласно законските обврски и Статутот на општината, односно да обезбеди негово користење на соодветен начин.
Со ваквото постапување, според сомнежите наведени во пријавата, на општина Дебрца ѝ била нанесена значителна материјална штета.
Случајот е предаден во понатамошна постапка пред надлежните институции.