Македонија

Вознемирувачки наоди во „Демир Хисар“: Околу 20 осуденици без психичко заболување сместени во психијатриска болница

Вознемирувачки наоди во „Демир Хисар“: Околу 20 осуденици без психичко заболување сместени во психијатриска болница

Околу 20 осудени лица кои не боледуваат од психичко заболување, туку се здрави и пресметливи, биле затекнати во Форензичкото одделение на Психијатриската болница „Демир Хисар“ при контрола што во декември 2025 година ја спровел Тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител.

Според заменичката народен правобранител Соња Трифуновска, постојат сериозни сомнежи дека дел од овие лица, преку спорни судско-психијатриски вештачења и лажни наоди за непресметливост, успеале да избегнат издржување затворски казни и наместо тоа биле упатени на психијатриско лекување.

На денешната презентација на извештајот, Трифуновска информираше дека НПМ побарал информации и од Комората на вештаци за тоа дали при изработката на судско-психијатриските вештачења биле почитувани професионалните и етичките стандарди.

Таа оцени дека состојбата во болницата е исклучително загрижувачка. Наместо да се посветат на лекување на вистинските пациенти, медицинските работници биле принудени да се справуваат со лица со изразен криминален профил, кои, според наодите, малтретирале, заплашувале и злоупотребувале други пациенти.

Во извештајот се наведува дека во болницата биле регистрирани и повеќе бегства, а дополнителен проблем претставува тоа што установата нема затворска полиција, бидејќи формално станува збор за здравствена институција во која треба да бидат сместени исклучиво пациенти.

Медицинските техничари, психијатрите и останатиот персонал, кои се обучени за терапевтска работа, а не за обезбедување лица со криминално минато, биле изложени на сериозен професионален и личен ризик, вклучително и закани по нивната безбедност.

Од НПМ посочуваат дека посетата на Форензичкото одделение била иницирана по добиени информации за сомнителни случаи во кои, наместо издржување правосилни затворски казни, лица биле испраќани на психијатриско лекување врз основа на спорни проценки за нивната психичка состојба.

Трифуновска предупреди дека ваквата практика го нарушува принципот на еднаквост пред законот и ја доведува во прашање правичноста на судските постапки, бидејќи постои сомнеж дека казните не се определуваат врз основа на објективни факти, туку под влијание на експертски проценки чија веродостојност е спорна.

Дополнително, таа истакна дека најголеми последици од ваквата состојба трпат вистинските психијатриски пациенти, бидејќи здравствениот персонал и ресурсите се пренасочуваат кон лица кои не се реални пациенти, што доведува до подолго чекање, намалено внимание и полоши услови за лекување. Покрај тоа, болницата се соочува и со сериозни кадровски и организациски проблеми – во периодот од 2024 година до посетата на НПМ биле сменети четворица директори, а дел од вработените покажале знаци на прегореност, фрустрација и разочараност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни