Свет

Иранската револуционерна гарда презеде одговорност за напади со ракети и дронови врз Кувајт и Бахреин по американските удари

Иранската револуционерна гарда презеде одговорност за напади со ракети и дронови врз Кувајт и Бахреин по американските удари

Иранскиот Корпус на стражарите на Исламската револуција (КСИР) соопшти дека ноќеска извршил напади со ракети и дронови врз цели во Кувајт и Бахреин и се закани со „целосен прекин“ на преговорите со САД доколку Вашингтон продолжи со удари врз Иран, јави „Асошиејтед прес“.

Во соопштение објавено од државниот дневник „Иран“, КСИР наведе дека под оган биле штабот на Петтата флота на американската морнарица и военовоздухопловната база „Ал Асад“ во Кувајт. „Нека непријателот знае дека прекршувањето на примирието ќе доведе до целосно запирање на започнатите процеси“, се наведува во соопштението.

Пораката претставува најостра закана за прекин на дијалогот откако САД и Иран постигнаа привремен договор за прекин на огнот, познат како Исламабадски меморандум за разбирање, кој отвори рок од 60 дена за постигнување трајно решение на конфликтот, наведува „Асошиејтед прес“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека ноќеска американските сили гаѓале радарски објекти по јужниот брег на Исламската Република и ги оцени нападите како прекршување на Исламабадскиот меморандум, јави „Ројтерс“. „Овие брутални напади покажуваат дека САД не се придржуваат до преземените обврски и дека нарушувањето на договорите им е втора природа“, соопшти министерството.

Властите во Кувајт и Бахреин претходно соопштија дека се мета на ирански напади со ракети и дронови по новите американски удари врз Иран и ги осудија инцидентите. Засега нема официјални податоци за жртви или материјална штета.

Министерството за внатрешни работи во Манама објави дека денеска по вторпат беа активирани сирените за воздушна опасност и ги повика граѓаните да останат мирни и да се упатат кон најблиските безбедни места, пренесе „Франс прес“.

КСИР претходно наведе дека нејзините поморски и воздушно-космички сили извеле координирани ракетни и дрон-напади врз американски воени објекти во Кувајт и Бахреин како одговор на акциите на САД.

Од американска страна беше соопштено дека борбени авиони на САД гаѓале складишта за ракети и дронови и радарски станици долж иранското крајбрежје, што, како што изјави Доналд Трамп, било одговор на „ново прекршување на договорот за прекин на огнот меѓу Вашингтон и Техеран“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни