Свет

Нов земјотрес со магнитуда 6,1 го погоди североистокот на Јапонија, без предупредување за цунами

Нов земјотрес со магнитуда 6,1 го погоди североистокот на Јапонија, без предупредување за цунами

Нов земјотрес со првично проценета магнитуда 6,1 го погоди североистокот на Јапонија рано во неделата. Не беше издадено предупредување за цунами, соопшти Јапонската метеоролошка агенција, пренесе Кјодо.

Епицентарот беше во Пацифичкиот Океан, крај префектура Ивате, на длабочина од околу 40 километри, наведоа од агенцијата. Трусот следува само неколку дена по земјотресот со магнитуда 7,2, исто така во префектура Ивате, при што беа повредени најмалку десет лица и беше нарушен сообраќајот на високобрзинските возови.

Според електроенергетската компанија „Тохоку Електрик Пауер“, при утринскиот земјотрес не се регистрирани неправилности во нуклеарните централи во Хигашидори во префектура Аомори и „Онагава“ во префектура Мијаги. Погонот за преработка на нуклеарно гориво во Рокашо работи вообичаено, соопшти локалната компанија за преработка на уран „Џапан Нуклиар Фјул“.

Во петокот беше почувствуван и земјотрес со магнитуда 5,6 во префектура Јаманаши и околните подрачја во Централна Јапонија. Не се утврдени аномалии во активноста на вулканот Фуџи, највисоката точка на Јапонските Острови, кој се наоѓа во префектурите Јаманаши и Шизуока.

Засегнатиот регион се наоѓа во близина на спој на повеќе тектонски плочи, меѓу кои и Филипинската плоча. Ова е првпат од 1924 година земјотрес со магнитуда 6 да ја погоди Јаманаши.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни