Свет

Европа под удар на екстремни горештини: Франција брои стотици жртви

Европа под удар на екстремни горештини: Франција брои стотици жртви

Европа се соочува со нов силен удар од екстремните горештини, а топлотниот бран што ја зафати Франција веќе остави сериозни последици. Речиси 1.000 луѓе починале како последица на високите температури, додека жешкиот воздушен бран продолжува да се шири кон северните и централните делови на континентот.

Според проценките на француската агенција за јавно здравје „Santé publique France“, најголем дел од жртвите биле лица постари од 65 години. Многумина од нив починале во своите домови, каде што екстремната топлина претставувала сериозен ризик по нивното здравје.

Франција зад себе остави 11 последователни денови со температури кои во голем број места надминувале 40 степени Целзиусови. Иако состојбата таму почнува постепено да се стабилизира, топлотниот бран сега се придвижува кон северна и централна Европа, каде метеоролозите очекуваат нови температурни рекорди.

Високите температури предизвикуваат проблеми и во енергетскиот сектор. Поради прегревање на речната вода, која се користи за ладење на реакторите, неколку нуклеарни централи во Франција, Швајцарија и Унгарија морале да го намалат производството на електрична енергија.

Експертите предупредуваат дека ваквите екстремни временски услови стануваат сè почести и поинтензивни, а најголем ризик имаат повозрасните лица, хронично болните и другите ранливи категории граѓани.

Надлежните институции апелираат населението да избегнува непотребно изложување на сонце во најтоплиот период од денот, да внесува доволно течности и да посвети дополнително внимание на лицата кои се најзагрозени од високите температури.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни