Свет

Зеленски: Нападнавме две големи руски рафинерии, едната е на 700 километри од границата

Зеленски: Нападнавме две големи руски рафинерии, едната е на 700 километри од границата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека украинската армија во текот на ноќта со беспилотни летала нападнала две руски рафинерии, од кои едната се наоѓа на околу 700 километри од украинската граница.

Зеленски потврди дека била погодена рафинеријата во Славјанск на Кубањ, во јужниот дел на Русија, за што претходно информираа и руските власти.

„Исто така ја погодивме и рафинеријата во Јарославската област, која се наоѓа на околу 700 километри од нашата граница“, напиша Зеленски на Телеграм. Ова тврдење засега не може независно да се потврди.

Тој најави дека Украина планира да продолжи со напади врз стратешки руски цели.

„Секој наш напад со долг дострел ги намалува ресурсите на руската воена машинерија и претставува чекор кон мирот“, порача Зеленски.

Рафинеријата во Јарослав важи за една од најголемите во Русија. Во изминатиот период таа неколкупати беше цел на украински напади, при што беа предизвикани оштетувања што бараа санација.

Локалните власти во Јарослав сè уште не го потврдија нападот, иако гувернерот Михаил Евраев претходно предупреди на опасност од напади со дронови. Тој соопшти и дека во близина на рафинеријата биле поставени патни блокади, кои подоцна биле отстранети без дополнителни информации за евентуалната штета. Снимките објавени на социјалните мрежи не го покажуваат обемот на оштетувањата.

Претходно, гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, изјави дека по украински напад со дрон избувнал пожар во рафинеријата во Славјанск на Кубањ. Во нападот загинало едно лице.

Освен рафинеријата, оштетени биле и неколку куќи, далновод и гасовод. Според снимките објавени на интернет, пожарот бил од големи размери.

Иако рафинеријата има годишен капацитет за преработка од четири до пет милиони тони нафта и не е меѓу најголемите во Русија, нејзината близина до анектираниот полуостров Крим ја прави честа цел на украинските напади.

Во меѓувреме, и други руски региони, меѓу кои и Ивановската област североисточно од Москва, пријавија напади со беспилотни летала.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени **213 украински дронови**, што укажува на уште еден масовен украински напад. Овие тврдења не можат независно да бидат потврдени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни