Свет

Аргентинскиот фудбалер ги загуби сопругата и децата во земјотресот во Венецуела

Аргентинскиот фудбалер ги загуби сопругата и децата во земјотресот во Венецуела

Сопругата и двете деца на аргентинскиот фудбалер Лукас Трехо се пронајдени мртви под урнатините по разорните земјотреси што ја погодија Венецуела, потврдија спасувачките служби по исцрпувачка потрага што траела 74 часа.

Да потсетиме, Венецуела во средата беше погодена од два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени. Според досегашните официјални податоци, во оваа природна катастрофа загинале најмалку 1.430 лица, а бројот на жртвите и натаму расте.

Трагичната вест за семејството на аргентинскиот дефанзивец прв ја објави семеен пријател и поранешен фудбалер, Едсон Тортолеро. Тој на својот профил на Инстаграм потврди дека спасувачите ги извлекле телата на сопругата на Трехо, Јанина Маранела, како и на нивните две деца – Арон и Аиноа.

„Ја информираме јавноста во Венецуела и Аргентина дека членовите на семејството на Лукас Трехо се пронајдени без знаци на живот. Ви благодариме на сите за поддршката и ве молиме за максимално почитување на приватноста на семејството во овие тешки моменти“, напиша Тортолеро.

Тажната вест набрзо ја потврди и клубот на Трехо, венецуелскиот прволигаш Маритимо де Ла Гваира. Од клубот соопштија дека потрагата по неговата сопруга и децата под урнатините траела три дена и три ноќи.

„Нашиот клуб длабоко жали за страшната загуба што го погоди семејството на Лукас Трехо. По 74 часа непрекината потрага, тие беа пронајдени без знаци на живот. Ја молиме јавноста да ја почитува приватноста на неговите соиграчи и роднини“, се наведува во соопштението.

Искусниот 38-годишен фудбалер му се приклучи на Маритимо на почетокот на оваа година, а најголемиот дел од својата професионална кариера го помина играјќи во Венецуела.

Според аргентинските медиуми, таткото и братот на Лукас веднаш допатувале од Аргентина за да му помогнат во потрагата по неговото семејство. Само ден претходно, фудбалерот на социјалните мрежи објавил семејна фотографија, а во април со емотивна порака ѝ го честитал роденденот на сопругата.

„Среќен роденден, љубов моја! Благослов е што те имаме. Со тебе сè во животот е полесно и поубаво“, напишал Трехо пред само два месеца, без да претпостави каква трагедија ги очекува.

Катастрофата го погоди и самиот клуб. Маритимо се прости и од својот 14-годишен фудбалер Виктор Паласиос, кој бил дел од младинската школа, како и од Адријана Арангурен, член на клупскиот персонал.

Во меѓувреме, спасувачките екипи продолжуваат со потрагата низ урнатините, а според официјалните информации, во Венецуела сè уште се трага по најмалку 68.900 лица кои се водат како исчезнати.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни