Екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа предизвикува сериозни последици врз здравјето на населението и врз функционирањето на здравствените системи, предупредува Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа. Во повеќе држави се бележи нагло зголемување на бројот на повици до службите за итна медицинска помош, а веќе се пријавени и стотици смртни случаи поврзани со високите температури.
Според СЗО, горештините предизвикуваат проблеми со спиењето кај голем број луѓе, додека ургентните центри се соочуваат со рекорден број пациенти. Во Франција, во одредени градови бројот на повици до итната медицинска служба е зголемен за 50 проценти. Во Лондон е регистриран најголемиот број повици поради животозагрозувачки состојби во еден ден од постоењето на тамошната служба за брза помош.
Во меѓувреме, шпанскиот систем за следење на смртноста проценува дека за само неколку дена повеќе од 300 лица починале предвреме како последица на горештините, додека во Италија во рок од 24 часа се регистрирани пет смртни случаи поврзани со високите температури.
Од СЗО предупредуваат дека Европа се загрева повеќе од двапати побрзо од светскиот просек и дека топлотните бранови веќе не се исклучок, туку стануваат сè почести, посилни и подолготрајни.
„Акциските планови за горештини и здравје, системите за рано предупредување, разладените јавни простори и грижата за ранливите категории не се бирократски мерки – тие спасуваат животи“, истакнуваат од организацијата.
Во обид да ги намалат последиците, европските градови воведуваат различни мерки. Барселона ја прошири мрежата на таканаречени „климатски засолништа“ на повеќе од 500 локации, Париз активираше систем за проверка на постарите и ранливите жители и воведе ограничувања за продажба на алкохол на јавни места, додека во делови од Италија е ограничена работата на отворено во најтоплиот дел од денот.
Топлотниот бран дополнително го оптоварува и здравствениот систем, каде во одредени болници откажуваат системите за ладење, медицинската опрема се прегрева, а здравствените работници работат во исклучително тешки услови бидејќи високите ноќни температури не овозможуваат доволен одмор.
СЗО ги повикува граѓаните да ги следат препораките за заштита: да го одржуваат домот разладен, редовно да внесуваат течности, да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот и да посветат внимание на постарите и ранливите лица.
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа најави дека на 6 јули ќе одржи итен состанок со националните претставници задолжени за итни ситуации, животна средина и климатски промени, со цел координација на активностите за справување со последиците од екстремните горештини.
„Овој топлотен бран е предупредување за она што нè очекува во иднина. Решенија постојат, но потребно е да се преземат навремени мерки“, порачуваат од Светската здравствена организација.