Авиокомпаниите и управителите на аеродроми во Европската унија побараа од Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, привремено запирање на новиот биометриски систем за гранични проверки во текот на летната сезона. Тие предупредуваат дека на граничните премини се создаваат редици што траат со часови, поради што дел од летовите полетуваат со слободни седишта бидејќи патниците не успеваат навреме да стигнат до влезната порта.
Во писмо упатено до фон дер Лајен, претставници на аеродромите, авиокомпаниите и Меѓународното здружение за воздушен транспорт, според весникот „Гардијан“, предупредуваат на критична состојба на европските граници. Тие наведуваат дека системот е на „критична точка“, а патниците се принудени да чекаат долго пред терминалите и на отворено, бидејќи граничните служби не можат доволно брзо да ги обработуваат пристигнувањата.
Авиокомпаниите укажуваат дека се соочуваат со полетувања со полупразни авиони, оти патниците задоцнуваат на качување поради задржувањата на граничните контроли. Според индустриските здруженија, во поединечни случаи чекањето достигнува и до пет часа, а има и патници кои останале на аеродромите поради доцнења во процедурите.
Од Европската комисија се бара на аеродромите да им се дозволи целосна суспензија на биометриските проверки во јули и август, кога бројот на патници ги надминува капацитетите на граничните служби. Здруженијата предупредуваат дека граничните власти, аеродромите и авиокомпаниите се под неодржлив притисок и повикуваат на итен одговор за да се спречи дополнително влошување на состојбата во врвот на летната сезона.
Во писмото се наведува и дека дел од меѓународните патници размислуваат да ги откажат патувањата во Европа поради долгите застои, што, како што се оценува, го нарушува угледот на европскиот туризам и поврзаноста. И Европската комисија и земјите членки, нагласуваат здруженијата, треба да ја земат предвид реалната состојба на терен и предизвиците што го очекуваат воздушниот сообраќај во наредните недели, пренесува „Б92“.