Свет

Последниот топлотен бран во Белгија ја зголеми смртноста за 39 отсто

Последниот топлотен бран во Белгија ја зголеми смртноста за 39 отсто

Топлотниот бран што ја зафати Белгија кон крајот на јуни доведе до пораст на смртноста за 39 отсто, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на податоци од Националниот кризен центар.

Во периодот од 18 до 29 јуни се регистрирани 1.222 смртни случаи повеќе од вообичаеното, а речиси половина од нив се кај лица постари од 85 години. Надлежните истакнуваат дека досега никогаш при силни горештини не е забележано толку изразено зголемување на смртноста.

Статистиката покажува дека бројките се споредливи со првата недела од пандемијата на ковид-19 пред шест години, што ја нагласува сериозноста на последиците од екстремните температури врз јавното здравје.

Во последните денови на јуни Белгија помина повеќе од една седмица со максимални дневни температури над 30 степени и ноќни над 25 степени. Дополнителен товар за населението претставува недостигот од клима-уреди во домовите и деловните објекти, како и долгите рокови на испорака и монтирање, кои достигнуваат 6 до 8 месеци.

Нов топлотен бран се очекува кон крајот на следната недела. Трговците најавија дополнителни залихи и увоз на неколку камиони со вентилатори од други европски земји за да одговорат на зголемената побарувачка.

Телевизиските прилози прикажаа редици пред продавниците за бела техника уште од раните утрински часови, а по отворањето купувачите затекнуваат празни рафтови со опрема за ладење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни